данска насловна

Данска на 17-то, Македонија на 67-мо место во читање и наука. Данска на 12-то, Македонија на 66-то во математика. Ова е последното рангирање на меѓународното ПИСА тестирање. Toa е една од најчесто користените алатки во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење на учениците во образовниот систем во матичната земја. Оценувањето се спроведува во повеќе од 60 држави од целиот свет и го реализира Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД на секои пет години. Знаењето и способностите на учениците се мерат во три подрачја и тоа способеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишаните материјали, математичка писменост и писменост во природните науки.

Ја избравме Данска за споредба на образовниот систем од неколку причини, една од нив-поради реформите кои се прават во моментот и треба да го подобрат образованието. Иако се наоѓа на врвот според квалитетот во образованието, повторно прави реформи за доусовршување на системот. Во исто време, Македонија со години почнува одново реформи во образовниот систем. Kaкo една од поголемите причини за неуспесите на македонските ученици се наведува традиционалниот начин на настава, наставникот зборува-учениците слушаат. Во Данска тоа не постои. Обемот на материјал за совладување и неприлагодената програма со години им создаваат стресови на цели генерации ученици и родители. Нереалните оценки и слабоплатените професори-кај нас огромен проблем, во Данска непозната работа.

Македонскиот образовен систем наспроти данскиот

Данска не е прва на листата на меѓународните тестирања. За луѓето од оваа скандинавска земја да се биде прв не е најголемо достигнување во животот.  Најважно е да си среќен, да се чувствуваш безбедно и задоволно! Сепак, резултатите покажуваат дека успешно е совладан материјалот. Данска е рангирана во првите 20 земји во светот по квалитетот на образованието и според Светска банка.

Образовната структура на Данска се состои од предучилишно, основно, средно, високо образование и образование за возрасни. Средното образование е поделено нa гимназија, повисоко подготвително и повисоко комерцијалн, како и повисоки програми за техничко и стручно образование. Образованието е задолжително за децата на возраст до 16 години. Целосно е бесплатно. Родителите немаат обврска да купуваат ниту тетратки, ниту моливи.

Целта на образовниот систем во оваа земја е да всади љубопитност, имагинација, иновација, самоиницијативност и претприемачки дух и да им помогне да развијат другарство. Моделот во кој наставникот пренесува одредени информации, а ученикот ги повторува по него е напуштен, а е воведен таков што ги стимулира учениците да откриваат и создаваат свои информации. Данска ги подготвува сите деца за работа, за придонес кон заедничкото добро и за активно граѓанство.

На детето не треба да му се даде стандардизирано знаење кое ќе се контролира, да се направи компетитивно и да му се всади каква било стандардизирана идеја за успех.

На децата не им се проверува знаењето со тестови во првите години од образованието, во некои училишта сè до крајот на средното образование. Првите шест години служат за детето да се подготви за учење и да му се помогне да ја најде својата страст. Никому не му се кажува дека е слаб ученик кого не го бива за ништо, туку се лоцира проблемот, доколку го има, и му се помага во учењето. Така на учениците им се дава можност да развијат сопствен начин на учење.

Според националните ПИСА координатори, македонските ученици постигнуваат многу слаби резултати бидејќи ова се тип на задачи и текстови поврзани со прашања кои во нашата држава најчесто не се практикуваат во процесот на поучување. Нашите ученици, исто така, најчесто учат за оценка, а не се оспособуваат за примена на стекнатото знаење. Проблем е и тоа што тестовите се големи и обемни. Кај учениците постои и незаинтересираност за решавање на тестот зашто не влијае врз оценките во дневникот.

Дури 63 % од учениците од нашата држава се под, односно на најслабото ниво во математика и во читање.

Резултатите од ПИСА се користат за да се овозможи споредување на знаењето и вештините на учениците и средината за учење меѓу различни земји, да се прикаже колку добро учениците во државата се подготвени за живот откако ќе го напуштат училиштето, да се идентификуваат областите кои, со тек на време, треба да се унапредат од страна на училиштата, образовниот систем и владата.

Исто така, тие служат и за поставување цели кои се мерливи и постигнати од други образовни системи, но и да се учи од политиките и практиките применети во други држави.

Половина година по лошите резултати, министерството за образование се уште прави анализи на оценките и слабостите на средношколците.

„ Се работат анализи по лошите ПИСА резултати, се работи на анализи за матурските испити и многу скоро ќе излеземе од министерството за образование со голем број новини,“ вели заменик министерот за образование, Петар Атанасов.

За проблемите со кои секојдневно се соочуваат и проценки за лошата состојба даваат и самите професори.

efka arsova 1

Ефче Арсова Нехтенин – професорка по математика во гимназија „Славчо                                                                Стојменски“ Штип

„Недостасува јасен концепт за македонското образование, во сите подсистеми, тргнувајќи од предучилишното, преку основното и средното до универзитетското. Според логиката на интеракцијата на деловите во системот, споменатите подсистеми треба да се заемно поврзани и да си влијаат едни на други. Кај нас поради конфузниот концепт за образование кој е под влијание на парцијални и политички одлуки, најчесто не е така. Во суштина треба да градиме образовен систем во кој образовните фактори ќе работат на заеднички јасна поставена цел-ПОДГОТОВКА НА МЛАДИТЕ ЗА ЖИВОТОТ ВО ИДНИНА. Во успешните образовни модели, повеќе од јасно е дека знаењата кои се добиваат, треба да се темелат на способноста  да се применат. Добро е сфатено дека фактите кои се учат, не само теоретски, туку дека тие се втемелени во практичните примени. На ваков начин се создаваат услови, кај младите да се креира дух за освојување на знаења поврзани со активности“.

цѕѕцѕцѕцѕцѕѕѕ

Александра Максимовска – професорка на УКИМ

„Најмногу недостасува програма во основното образование која е споредлива со програмите во другите држави, систематичност и постепено совладување на знаењето и квалитетен наставен кадар. Најголем проблем се уште во 1-3то одделение е дисциплината и хигиената, што го одзема времето за учење во училиште. Преголем број на ученици во еден клас, многу малку предмети за здрава околина, физичка активност.“

 

Програмата „Кембриџ“ и екстерно тестирање како реформи во образованието

Со цел да се подобри образованието, во Македонија пред четири години беше донесена реформа наставната програма по математика и природни науки да се адаптира од Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ (Cambridge International Examination Centre). Реформите секогаш почнуваат да се воведуваат во основните училишта. Интересно за овие програми е тоа што, воведувањето започна од таму „кој – каде стигнал“. Имено, не почна од почеток, од прво одделение, туку едноставно се воведе од учебната 2014/2015 година за учениците од прво до трето одделение. При креирањето и адаптацијата на програмите по математика и природни науки според Кембриџ, занемарен е основниот фактор – возраста на детето и неговиот психолошки и интелектуален развој. Пред децата се поставуваат проблемски ситуации, а тие се во фаза на конкретно размислување (барем до седумгодишна возраст). Во прво одделение, по предметите математика и природни науки се бара од учениците да запишуваат одредени искази. Парадоксот е во тоа што, кај учениците описменувањето започнува во второ одделение.

danska 3

Задачи од учебниците по математика и природни науки за I одделение

Единствените истражувања пред да се воведат адаптираните наставни програми по математика и природни науки според Кембриџ, се истражувањата на Светската банка, според кои, нашите ученици покажале слаби резултати на тестирањата по математика и читање со разбирање.

Овој недостаток се провлекува и денес и покрај воведувањето на одредени проекти кои имаат за цел да го елиминираат и учениците да добијат квалитетно и применливо образование.

Екстерното тестирање со кое беа опфатени учениците од основните и средните училишта предизвикуваше бурни реакции, дебати во јавноста и главоболки кај учениците, професорите и родителите. Екстерното проверување како пилот-проект првпат се спроведе на одреден примерок во учебната 2010/2011, а во 2011/2012 почна целосна примена врз сите ученици од основното и средното образование.

Според МОН, целта на екстерното тестирање беше проверка на објективноста на оценувањето на наставниците и проверка на степенот на постигнувањата на учениците и е меѓународно позната и признаена мерка, а го практикуваат 30 европски образовни системи и 24 земји од ОЕЦД. Сепак,  властите беа убедени дека реформата мора да продолжи иако наставниот кадар, учениците и родителите бурно реагираа на неа.

На 1.6.2017 година собранието изгласа да се укине екстерното тестирање.

Од МОН се децидни дека знаењето на учениците и работата на образовните институции и покрај укинувањето на екстерното тестирање мора да се проверува.

„Работна група во Министерството за образование и наука периодов на големо работи на подготовка на нов вид тестирање кое треба да го замени екстерното. Основците ќе бидат дел од ново, т.н. национално тестирање. Се планира учениците да бидат тестирани двапати во текот на основното образование. Едното тестирање треба да се спроведе во четврто одделение, а другото во деветто одделение. Ова е модел кој веќе се применува во Словенија. По ова прашање веќе правиме конкретни чекори“,  вели заменик министерот за образование, Петар Атанасов.

 

Оценување и тестирање

Данците од раѓање се подложни на „тестирања“ и давање  мислења за нив иако ако ги прашате, тестови во облик во кој имаат учениците во Македонија речиси и да немаат. Тоа за нив создава непотребен стрес и не дава резултати. Постојано елиминираат се што им пречи за да бидат среќни. Доказ за тоа е и фактот што не користат училишно ѕвонче. Во секоја училница има часовник кој за нив е доволен за ориентација на наставникот и ученикот кога почнува и кога завршува часот.

Го посетивме училиштето Вигерлев Алес Сколе во населбата Волби во Копенхаген. Директорот  Рене Бан ни објасни дека во текот на школувањето  учениците во вид на вежби решаваат национален тест и тоа 4 пати за данскиот јазик и 2 пати за предметот математика. Пример, објасни, една од задачите е да го препознаат секој збор во кованица од три збора. За нив, за да може да функционира секоја единка мора добро да го познава, да го зборува и да го сака мајчиниот јазик.

danska 4

Првата оценка ја добиваат на 14 години. Со тоа ја започнуваат подготовката за факултет. До тогаш, внимателно го следат развојот на секој ученик и инвестираат повеќе онаму каде што е потребно. Учениците во Данска немаат домашни задачи. Од 12 години добиваат домашна обврска да изгледаат филм за Првата Светска војна, на пример, или да поразговараат со нивните баба и дедо за некој настан од поблиската историја за во училиште да напишат есеј. Помалите мораат да поминат квалитетно време со нивното семејство откако ќе се вратат од училиште.

Работното време на наставниците и платите на наставниците

Наставниците поминуваат помалку часови на училиште и во училниците. Тие имаат доплнителни часови за подготовка на наставните програми и часовите. Со тоа тие се помалку под стрес и притисок. За разлика од нив, македонските наставници поминуваат подолго време на училиште и најчесто потрошените саати се за административни работи како пишување во е-дневниците. Македонските наставници мораат да водат дневник во текот на работното време, а додека се дома (најчесто навечер, поради оптоварување на системот) мораат да ја водат електронската документација. Со тоа се создаваат немотивирани наставници, а со тоа и лошо образование. Македонските наставници се соочуваат со казни и награди, нешто што не може ни да се даде како пример во Данска.

славица

Славица Неделкова – одделенски наставник во ОУ „Гоце  Делчев“ Штип                                                                                               

„ Јас лично ги сакам децата, ме сакаат и тие мене, бидејќи можат да го препознаат тоа, ете тоа ме прави мотивирана да работам со деца. Да не е љубовта кон професијата и задоволните лица на моите ученици многу одамна ќе се откажев. Немам  услови за работа! Платите се понижувачки, не направија записничари, дома ја носам работата со мене, немам слободен викенд поради пребарувања и подготовки за следната седмица. Инвестирањата во нас се минимални, се состојат само од по некој семинар или обука во текот на годината.“

Како докажан успешен образовен модел, во Данска ја фаворизираат идејата за тоа дека, за да се има успешно образование, потребно е да се има добри образовни работници. Таму педагошкиот факултет е еден од најтешките. Голем број  млади сакаат да студираат, но се избираат само најдобрите кои со уште поголема селекција добиваат работа, велат од министерството за образование на Данска.

Данска  во 2017 година имала највиска просечна плата од сите земји на ЕУ – 3.095 евра, што значи дека наставниката плата е 185% од просечната. Кај нас просечната плата во 2017 била 23.850  што начи дека нставничката плата е 95% од износот на просечната.

Во Данска наставниците се чувствуваат задоволни бидејќи имаат слобода сами да оценат кога децата губат концетрација и да им дадат пауза, најчесто 15 минути надвор да им дадат време за нив и повторно да го продолжат часот. Просторијата каде што престојуваат помеѓу часовите и каде што се подготвуваат е со услови и за нивна релаксација.

 

Данците не учат за оценки, учат за да си го олеснат животот

При посетата на едно од локалните училишта во Копенхаген, одблиску уочивме навидум едноставни разлики кои можат да бидат причина за успехот во образованието.

На влезот паркинг за велосипеди, пред него-паркинг за тротинети. Уредно секое дете си го паркира превозното средство со кое пристигнало на училиште. Во дворот на Вигерлев Алес Сколе во населбата Волби во Копенхаген имаше околу дваесет деца. Од овде почна нашето истражување кое има за цел да покаже дека Данците не се од друга планета, туку дека имаат различен образовен систем кој континуирано создава писмени и успешни генерации.

данска 10

Комбинирање на предмети за поголеми резултати

Присуствувавме на часот по визуелна уметност. Франк Јенсен е класен раководител на ученици од второ одделение. Им предава математика и уметност. Тоа беше третиот блок часови при реализација на нивниот проект „ Од Волби до Париз“. На првиот час со помош на алатката google maps, осумгодишните ученици го мереле растојанието од населбата на нивното училиште до сите поголеми градови во светот. Со тоа, вели Јансен, добиваат чувство за далечина, ги учат главните градови и ја истражуваат алатката која може да им биде од корист доколку сакаат да се снајдат во непознато место. Во 10 минути им даде инструкции, толку ги држеше концетрацијата да седат во едно место. Ги подели во групи и им даде да работат, најпрво да го напишат името на градот на лист, а потоа и на дрвена табла, всушност да изработат знак. Им објасни дека знаците мораат да бидат напишани читко за да ги разберат сите и со доминантна боја, за да можат да ги видат сите. Во овој дел од реализацијата на проектот, Јансен ја спојува и уметноста, го открива чувството за естетика кај нив, вежбаат пишување и во исто време меморија.

данска 12

Како завршуваа го носеа сработеното на увид. Наставникот забележуваше јасно, кај Пикси мора да се работи на естетиката, но не и на меморијата, километрите до Лондон ги запамтила прецизно. Артур е повнимателен, но му треба повеќе време, успеал да го напише само половина од знакот. Тоа значи дека треба да вежба пишување. Со еден поглед ги констатираше недостатоците и напредокот и кај останатите. Без никакво повишување на тонот, но со неколку опомени ја одржа дисциплината на часот и им објасни дека имаат слободно време за мини олимписките игри кои се подготвуваа во училишниот двор.

 

Телефони и компјутери не се забранети

На децата дигиталната технологија им е природна, тие се израснати во свет каде што таа е дел од секојдневието. Дигиталните технологии сами по себе не го загрозуваат образованието ниту пак ја одземаат концетрацијата, напротив, им даваат на децата повеќе избор, дополнителни платформи на кои ќе го користат. Данците не ги забрануваат овие алатки во училиштата, но ги ограничуваат за време на час кога тие не се потребни. Доколку не е дел од програмата, мобилниот на секој ученик за време на часот стои на посебно место. Доколку може, се вметнува како дел од секоја вежба за да се научи да се користи за олеснување на секојдневнието, а не за непотребно губење  време на социјални мрежи, вели наставничката Сесилија Дур Еспресен. Компјутер има секое дете и тој е поврзан на посебна мрежа која ја гледаат сите од училиштето и на која се следат резултатите.

данска 17

Во Македонија пред 10 години, со проектот „Копјутер за секое дете“ се направи проценка дека наставата може и треба да се работи на овој начин. По една деценија од проектот и година и пол по менувањето на властите, од министерството за образование велат дека голем дел од овие компутери не се во фукнција, дека се дотраени и дека има потреба да се набават нови. Размислуваат за дигитализација, дигитализирање на табли, учебници…но нивните планови се уште се сведуваат на размислувања и нема ништо конкретно ставено на хартија.

данска 18

 

Еден од омилените – час по готвење

„ Ние сме тоа што јадеме!“ Во Данска е невозможно да се учи што било и да се осамостојуваат деца доколку не знаат сами да се прехранат и чекаат друг да им зготви. Во склоп на училиштето постојат опремени кујни во кои се учат придобивките од готвената и суровата храна, дозволени и забранети комбинации, почитување на религија и вера преку храна, на која температура што се добива а што се губи во обработката. Она што ќе го зготват, тоа ќе го изедат!

данска 19

Проекти наместо домашни задачи

Учениците од 12 години презентираа проект со кој пред тројцата професори, кои беа комисија за работа во фабрика, аплицираа да добијат работа. Имаа изготвено CV, мотивационо писмо, одговараа на прашања и зборуваа за своите вештини. На оваа возраст веќе се учат за зрелост и за почетната фаза да станат конкурентни на пазарот на труд. На 16 години секој од нив може да почне со работа и да заврши со школувањето, може напоредно да го прави и тоа и тоа, може само да учи, изборот е индивидуален. За оние што паралелно се школуваат и стекнуваат практика работејќи, на возраст од 25 години кога ќе завршат факултет, имаат CV со 10 години работно искуство и препораки од работодавци.

Ова е главната придобивка која ги разликува данските од македонските ученици. Освен теорија, се стекнуваат и со богата практика која ги прави конкурентни и им ги отвора вратите секаде во светот.

Бидејќи главна цел им е да создадат независни индивидуалци, на секои три месеци ученикот го менува местото на седење. На секои две години менуваат клас, а на секои пет години им се менува класниот раководител. Така учат да комуницираат со различни карактери, да избегнуваат караници, да се дружат со повеќе луѓе, да создадат контакти и да бидат свои и независни!

Проблемот во Македонија е што по образованието, компаниите немаат готови кадри. Лошо или половично совладаната теорија и никаква практика им создаваат поголеми главоболки и трошоци на работодавците отколку корист. Не се среќни ниту новите вработени кои излегле од училишните клупи. Лутаат во работните обврски и добиваат пари само за да ги покријат трошоците за превоз и за гхрана. Сметаат дека по завршеното образование треба трудот да им биде добро платен.

 

Инклузија на децата со проблеми во развојот

4% од вкупниот број на ученици во ова училиште се со пречки во развојот. Ги има речиси во секој клас. Со нив работат асистенти кои престојуваат за време на часот и се обидуваат да им помогнат при совладувањето на наставата. Овие асистенти ги обезбедува училиштето. Со родителите на овие деца училиштето има состанок секои 3-4 месеци. Се следи нивниот напредок. Најчесто, вели директорот, тие покажуваат одлични резултати, но има и такви кои не можат да се вклопат. „Даваме се` од себе. На родителите им е најтешко, но по 4 години сами решаваато да го сместат нивното дете во друга установа кога ќе забележат дека тоа не е среќно во таа околина“, вели директорот Банг.

данска 21

Данска чест избор за Македонци

Поради системот кој функционира и особено поради бесплатното и квалитетно образование кое го нуди, Босилка и Ивчо Ѓошевски од Скопје 7 години се жители на Данска. Таму се родила нивната ќерка Сара која догодина ќе почне во прво одделение. Непосредно по нашата посета семејството го доби и своето второ дете.  Велат, не ни размислуваат Сара да учи на Оксворд или некој друг светски реномиран универзитет, бидејќи Данските се ценети секаде во светот и даваат одлични можности за напредок! Сара зборува течен дански јазик, македонскиот со тешкотии го зборува дома. Пишува латиница, но Босилка и Ивчо велат дека ќе се потрудат да го научи и кирилското писмо.

данска 22

 

Реформи во образованието

грибгксфбгфсјакнгфскјнг

Влијанието на растечката работничка класа во Данска ја отворило потребата од поинаков училиштен систем. Работното движење обезбедило јавно финансирање на основните училишта и вечерните часови. Сепак, селективноста во приемот во средното образование останала неоспорна. Урбаните и руралните заедници имале различни типови на училишни системи до 1950-тите. Оттогаш, оваа Скандинавска земја постојано инвестира за модерно и подобро образование.

Последните реформи во Данска се започнати во 2014 година. Министерката за образование, Мерете Риисагер, вели дека сакаат да ја зголемат физичката активност кај учениците, да го зголемат престојот на часови и асистенцијата за време на наставата. Наставниците со ова не се сложуваат и тоа го кажуваат преку нивниот наставнички совет со кој се водат преговорите за реформи. Велат, продолжувањето на работното време и за нас и за учениците ќе биде контрапродуктивно, нема да бидеме дополнително платени, а нема да имаме ниту концетрација за да постигнеме заеднички повеќе. Се` уште траат преговорите, а наставниците се плашат да не настане хаос. Едни да почнат да се прилагодуваат, други не. Велат дека се свесни дека на тој начин ќе заштеди државата со тоа што ќе го намали престојот на децата во посебните простории во склоп на училиштето каде што престојуваат по часовите, но ќе добие незадоволни наставници!

„ Дете, родено денес во Македонија, кога ќе порасне ќе биде продуктивно само 53% од она што би можело да биде ако имало целосно образование и било целосно здраво.“ Ова се податоците од најновото истражување на Светска банка за Индексот на човечкиот капитал на Македонија, кој е понизок од просекот на регионот.

Индексот покажува и дека учениците од Македонија достигаат резултат од 382 на усогласените тестирања на кои 300 претставува минимално, а 625 претставува напредно постигнување.

данска 25

„Вредноста на индексот, особено вредноста на образовните показатели укажуваат на итно преземање мерки. Се чини дека досегашните реформи не го трансформирале образовниот систем доволно за да им помогне на мнозинството ученици да ги достигнат барем основните знаења“, вели директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели. Тој смета дека темелна анализа на податоците од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) треба да е првиот чекор за можните активности во јавните политики и реформи кои се навистина насочени кон подобрување на образованието во Македонија.

Последните најави за реформи во македонското образование беа од поранешната министерка Рената Дескоска. Непосредно пред заминувањето од овој ресор таа најави дека нема повеќе учење во сабота, нема повеќе пренатрупани одделенија, часовите за основните се ограничуваат според возраста, неработни денови за наставниците за време на зимскиот распуст, како дел од измените и дополнувањата кои се предвидуваа со новиот Закон за основото образование. Актуелниот министер Арбр Адеми, вели дека дел од овие промени ќе влезат во реформите, но не сака да брза.

„Тоа што е најавено, дел од тие најавени реформи секако дека ќе бидат инкорпорирани во новиот закон за основно образование. Ние работиме на тој закон интензивно и на експертско ниво, но се реализираат консултации и на политичко ново во смисла на изнаоѓање на најдобрите решенија со кои ќе се подобрува квалитетот во основното образование. Тоа што е ветено и предвидено во владината програма секако дека ќе биде обврска за нас и веруваме дека во определен рок ќе се финализира. Битно е да имаме квалитетен закон и квалитетни реформи. Ние имаме искуство и целото општество е запознаено дека од брзање, од носење на брзи реформи, страдаат нашите ученици, нашите деца, затоа никој не треба да дозволи да се експериментира со децата, но секако дека кратење на број на часови и доста новини кои се поврзани и со статусот на наставниците ќе бидат инкорпорирани во новиот закон за основно образование“, вели Адеми.

Заменик министерот Атанасов е поконкретен, смета дека веќе од септември 2019 година ќе се направат реформите кои ги предвидува новиот закон за основно образование кој веќе ќе биде во функција.

„Првата фаза е помината, законот за основно образование е во втора фаза и се надевам дека за неколку месеци тој ќе биде готов. Сите измени кои што беа најавени од кабинетот на министерката Дескоска ќе бидат спроведени од септември. Работиме и на уште неколку концепти и доработка на елементи внатре во образовниот систем со што ќе го подобриме квалитетот на образованието. Овој естаблишмент се труди да донесе закон кој нема да се менува секоја година. Тие закони се тешки, големи закони кои кога ќе ги донесете мора неколку години да проработат, за потоа да се обидеме да ги исправаме работите, “ вели Атанасов.

 

Што ни недостасува за да бидеме Данска во образованието?

„Парите не се првиот проблем. Проблемот е во безидејноста што сакаме да направиме! Не можеме да имаме сто приоритети, треба да имаме три приоритети. Словенечкиот и Хрватскиот модел ни се исто така блиски со искористување на ИПА фондови, но и професионалната ориентација на децата што се спроведуваше во Србија. Сите елементи се овде, треба да ги склопиме и да речеме-имаме три приоритети, работиме со овие проекти на овие пет задачи и за пет години ќе имаме резултат, “ вели заменик министерот за образование Атанасов. Според него мора да им се даде поголем простор и поголема автономија на успешните наставници на ниво на основно образование. Вели дека не може да се притискаат и да им се наредува што да работат.

„ Автономијата во основното образование е еден од главните концепти во скандинавските држави. Што повеќе наставници кои работат со нивните деца-поголем квалитет. Во овие две децении научивме се што треба да направиме, само сега треба да се организираме и да го спроведеме. Го уништивме образованието давајќи им голема слобода на бирото, на државниот испитен центар, на центарот за стручно образование и некако ги изгубивме од системот, “ завршува Атанасов.

Катерина Топалова

Новинарскиот текст е изработен како дел од проектот Истражувачко новинарство за поттикнување реформи со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.