1

Фото: Кривичен законик на Р. Хрватска – интересот за водење на постапката или заштита на личните права

Додека судството во Македонија сѐ уште е „загубено“ околу единствен став за употребата на незаконски прибавените докази во судските постапки, хрватското правосудство тоа го решило со измени на Зaконот за кривична постапка (ЗКП) од 2008 година. Оттогаш во праксата на Хрватска има десетици пресуди на судовите во сите степени кои прифатиле или одбиле незаконски прибавени докази. Јавниот интерес е еден од главните фактори при носењето на одлуките за прифаќање на незаконски прибавените докази.

Во Македонија, дилемата околу употребата на таквите докази формално ја постави Претседателот на Врховниот суд Јован Вангеловски, но де факто произлезе од барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за прислушуваните разговори од „бомбите“ да може да се користат како докази.

Во Врховниот суд не се обезбеди мнозинство за да се донесе начелно правно мислење, а во меѓувреме Апелациониот суд во Скопје во три наврати, со  една пресуда и две решенија, дозволи користење на „бомбите“ како докази. Но, Основниот суд Скопје 1 сѐ уште има отпори и спротивставени мислења по ова прашање и повторно донесе решенија со кои во 10 предмети не дозволува ваквите докази да бидат употребени во фазата на оценка на обвинителните акти.

Хрватска го имала истиот проблем, но во изминатите години успеале во добар дел да го решат.

2

Фото: Седиштето на Врховниот суд на Република Хрватска во Загреб

 

За ПИМ мерки – детално образложение

Хрватскиот Устав, како и ЗКП од 2008 година се многу рестриктивни и не дозволуваат нарушување на личните права на поединецот. Ограничување на правата (следење, прислушување и други посебни истражни мерки-ПИМ) се можни како исклучок, но во строго определена процедура и со налог на судија на истрагата, кој мора детално да биде образложен.

Хрватскиот Врховен суд за незаконски ги прогласувал најголем дел од доказите кои се обезбедени со налог на судија на истрагата, а по барање на Канцеларијата за сузбивање на организираниот криминал и корупција при Јавното обвинителство – УСКОК или хрватската полиција, но кои имале недоволно образложени причини наведени во судскиот налог.

По една одлука на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од 2015 година, „Драгојевиќ против Република Хрватска“, во која ЕСЧП констатира дека хрватските судови се труделе пост-фестум да го оправдаат налогот на истражниот судија и на тој начин му давале правен легитимитет, праксата е многу сменета, па сега доказите обезбедени без детално образложен судски налог не се дозволуваат на судењата, независно што формално се законски прибавени.

Судот не дал образложение за кое, од неколкуте дела за кои УСКОК поднел пријава, мора да се обезбедат докази со следење или тајно снимање, а не на друг начин и што е тоа што истрагата ја прави отежната без примена на мерките – ова е најчестата констатација на судиите на Врховниот суд на Хрватска, кога ги прифаќаат барањата на одбраната во текот на постапката да се извадат доказите обезбедени со ПИМ мерки.

 

Јавниот интерес основа за прифаќање на доказот

3

Фото: Дамир Кос, судија во Врховниот суд на Хрватска: Судот првенствено го цени јавниот интерес

 

Врховниот судија Дамир Кос долго се занимава со ова прашање, ја анализира теоријата, праксата, одлуките на Европскиот суд, настапува на научни форуми, а има објавено и повеќе научни трудови заедно со професори од факултетите во Загреб и Сплит. Во разговорот ни ги посочува решенијата во процесните закони, посебно ЗКП од 2008 година, каде што му се дава можност на судијата да го цени јавниот интерес.

-Поимот незаконски докази во Хрватска прв пат е воведен во ЗКП од 1997 година. Со измените на законот од 2008 година овој правен институт нормативно беше доразработен, со тоа што беше предвиден исклучок, под одредени околности, некои докази иако се прибавени незаконски да може да се третираат како законски. Законодавецот дозволил, но во многу ограничен опсег, дека и во случај на повреда на правото на приватност заштитено со Уставот, доказот, иако незаконски прибавен, да може да се користи – вели судијата Кос.

Но, за да биде тоа законски, мора да бидат исполнети два услови.

-Првиот е да станува збор за кривично дело кое е во надлежност на Жупанискиот суд (регионален суд кој суди за тешки кривични дела) и вториот услов е, судот да оцени дали преовладува интересот за водење на кривичната постапка (јавниот интерес), наспроти повреденото право на приватност – објаснува Кос.

Според него, без овие правила многу докази би биле неупотребливи.

-Се сеќавам на случај на брутално силувана жена која собрала толку храброст да појде со диктафон во џебот до обвинетиот кој го негирал делото. Кога му се појавила на врата, нејзината појава толку го испровоцирала така што кажал сѐ што ѝ направил и ја прашал дали сака повторно? Но, сето тоа не можеше да биде користено како доказ бидејќи снимањето не било со налог на истражен судија, ниту пак тој знаел дека е сниман. Жртвата предупреди дека тој не би зборувал ако знаел дека го снима, но сепак, доказот не вредеше, објаснува судијата на хрватскиот Врховен суд, при нашиот разговор во Загреб.

Сепак, во 2008 година со законските измени на Судот му се дала можноста да оценува дали преовладува интересот за водење на кривичната постапка, во однос на повреденото право да се снима без негово знаење. Хрватските судии по ова законско решение имаат донесено веќе десетици пресуди, а за ова прашање, се изјаснувал и Европскиот суд по тужби против Хрватска.

02.06.2016., Zagreb - U zgradi Vrhovnog suda na Trgu Nikole Zrinskog odrzana je javna sjednica u slucaju Branimira Glavasa i drugih, gdje se ponovno odlucivalo o presudi za slucaj Selotejp, po kojoj je osudjen na 8 godina za ratni zlocin. Photo: Tomislav Miletic/PIXSELL

Фото: Заседание на Кривичен Совет во Врховниот суд со судијата Дамир Кос, втор од лево

 

Случај на политички поткуп – пресвртница во судската пракса

Одлуката на Врховниот суд на Хрватска, во случајот „Сабо“ се смета за револуционерна. Прифатен е доказ обезбеден со тајно снимање, но без налог на суд. Во овој случај е оценето дека снимката иако е незаконска има поголема вредност за водење на кривичната постапка и јавен интерес, отколку повредата на личните права на обвинетиот загарантирани со Уставот.

Станува збор за судската постапка против градоначалникот на Вуковар Жељко Сабо кој бил снимен тајно како ѝ нуди поткуп на советничката на ХДЗ во градскиот совет Марија Будимир да премине во групата независни советници и да му даде поддршка, со што ќе се направи ново мнозинство во градскиот Совет. Сабо беше осуден на 16 месечна затворска казна, а таа пресуда на Врховниот суд ја потврди и Уставниот суд по жалбата на осудениот.

Дамир Кос бил еден од судиите што биле во Советот на Врховниот суд кој ја донел одлуката за прифаќање на оваа снимка како доказ.

-Примената на оваа норма е многу рестриктивна. Во случајот на градоначалникот на Вуковар делото е такво што со него се менува волјата на избирачкото тело или хипотетички речено ако треба да се докажува вина на некој кој е носител на функција во една од трите власти, тогаш тука надвладуваат интересите за водење на кривичната постапка во однос на заштитата на приватноста на поединецот – вели Кос.

На прашањето дали имал реакција од владејачката партија, бидејќи одлуката се однесувала на политичката гарнитура на власт, судијата Кос, вели:

-Тоа ми е целосно ирелевантно за носење на која било судска одлука. Секогаш ќе се водам дека за судска одлука релевантно е единствено правото кое го применуваме во согласност со целото свое најдобро знаење што го имаме.

 

Случај „Шендуловиќ“ – доказ, снимка на  „Јутуб“

 

За судската пракса во Хрватска интересно е и решението на Врховниот суд на Хрватска, во случајот на Звонко Шендуловиќ каде е користена снимка од каналот „Јутуб“ како доказ. Шендуловиќ пред Жупанискиот суд во Загреб бил обвинет за фалсификување на пасоши. Тој, во соработка со структури од министерствата за внатрешни и за надворешни работи, како и со амбасадите на Хрватска во Сараево и Брисел, им издал патни исправи на голем број припадници на криминалното подземје од регионот на Балканот, со што им овозможил слободно движење низ Европа.

Снимка што се појавила на „Јутуб“ била предложена како доказ. Одбраната барала да се издвои како незаконски, но судот во Загреб го одбил барањето. Дека снимката може да се користи како законски доказ подоцна заклучил и Врховниот суд на Хрватска кој одлучувал по жалба.

5

Во решението судиите на Врховниот суд заклучуваат: Спротивно на наводите во жалбата, Врховниот суд на Р. Хрватска смета дека првостепениот суд извршил правилна оценка на фактичката состојба и извел правилен заклучок дека видео записот од интернет страницата „Јутуб“ може да се употреби како доказ во постапката во согласност со член 10, ставот 3 од ЗКП/08, кој пропишува дека не се незаконски доказите кои се користат во постапки за тежок облик на кривични дела кои се во надлежност на Жупанискиот суд, кај кои, интересот за кривичниот прогон и казнувањето на сторителот преовладуваат над повредата на личните права…

Но, има и ваков случај, каде што ставот на првостепениот суд, кој изгледа многу логичен и разумен, не поминал по жалба пред повисокиот:

Во овој случај, првостепениот суд во Златара го прифатил доказот и оценил дека „снимениот разговор се води помеѓу двајца возрасни луѓе, а во разговорот не се зборува за социјалниот идентитет на обвинетиот, за неговите емоционални врски, за личниот развој или други интимни аспекти од неговиот живот, па со тоа разговорот понуден како доказ не навлегува во приватноста на обвинетиот. Во снимениот разговор се содржани заканувачки зборови од обвинетиот упатени кон оштетениот и со тоа не е загрозена приватноста на обвинетиот, па поради сето наведено Судот смета дека не станува збор за незаконски доказ“.

Сепак, Жупанискиот суд оценил дека оваа снимка, без налог на истражен судија и без знаење на снимениот (обвинетиот) е спротивна на одредбите на хрватскиот устав и на ЗКП и како таква не може да се користи како законски доказ, па ја отстранил од предметот. Во ова решение судот се повикува и на судска пракса, една одлука на Врховниот суд на Хрватска и забележува дека мора да се утврди и кој е автор на снимката, дали е државен орган/тело или физичко лице, бидејќи и неовластеното снимање е кривично дело.

 

Хрватските судии судат до 70 години

6

Судиите во Хрватска можат да работат до 70 години. Нашиот соговорник Дамир Кос вели дека тоа им дава потполна слобода да се посветат на работата и да ја јакнат судската пракса на која сѐ почесто се повикуваат другите судови. Гледајќи ги биографиите на хрватските врховни судии во кривичниот оддел, веднаш се заклучува дека станува збор за судии од кариера. Нешто што веднаш се воочува за разлика од судиите на Врховниот суд, е можноста да се разговара со нив за стручни прашања, да се обезбеди пракса, што за македонски услови сѐ уште е претежок пат. Нашите домаќини при истражувањето, врховните судии Ранко Марјан и Дамир Кос, дури не се потпираа ниту врз своите соработници во судот, туку сами ја пребаруваа нивната судска пракса и ни ги доставија потребните пресуди.

 

Како и што со издвоените докази?

Но дека и во хрватското судство не е сѐ така совршено во однос на употребата на незаконски прибавените докази, говори и дилемата што ја изнесоа нашите соговорници судии во однос на тоа дали судот смее да се запознае со доказите кои требало да бидат издвоени.

„Прописите за издвојување на доказите ја намалуваат, но не ја отстрануваат во целост можноста доносителот на одлуката (судијата) да се запознае со доказите чија употреба е забранета. Тогаш се поставува прашањето како треба да се постапи во случај кога незаконскиот доказ ќе се провлече низ ситото на законската одредба која наредува негово претходно издвојување, односно кога судечкиот расправен суд, сепак ќе се запознае со таквиот доказ. Одговорот на ова прашање го дава ЗКП каде што е утврдено дека пресуда не смее да се темели врз таков доказ. Но, што значи точно пресудата да се „темели“ на незаконски доказ? – прашуваат судијата Дамир Кос и професорот на Правниот факултет во Ријека Игор Мартиновиќ.

7

Шема на поставеност на судовите во Хрватска: Незаконските докази можат да се користат пред Жупаниските судови за тешки кривични дела

 

-Според новата пракса на хрватските судови, пресудата се темели врз незаконски доказ ако тој е изведен на главна расправа, а при тоа не е издвоен како незаконски. Штом судот во образложението на пресудата го репродуцира и го анализира незаконскиот доказ, пресудата, според заземениот став во судската пракса, се темели врз таков доказ или исказ на сведок, па дури и ако хипотетички би била донесена иста пресуда и без тој доказ. Но праксата утврдува дека пресудата се темели врз незаконски докази кои се изведени на расправа, а не се издвоени од списите, дури и кога во образложението судот воопшто не го анализира таквиот незаконски доказ или кога изричито ќе наведе дека поради неговата незаконитост тој доказ воопшто не го зема предвид – констатираат Кос и Мартиновиќ.

Врховниот суд на Хрватска во еден случај решил дека пресудата се темели врз незаконски доказ затоа што судот не го издвоил исказот на привилегираниот сведок од претходна постапка, кој не бил повикан на расправа.

Судот, кога го видел тој пропуст, се обидел да ја санира повредата наведувајќи дека не го анализирал и не ја темелел пресудата врз исказот, но само со фактот што е читан исказот на сведокот кој не е повикан на главна расправа, тој станал незаконски доказ, требало да биде издвоен и на него не може да се темели пресуда.

– Во теоријата на казненото процесно право многу е пишувано за спротивставените интереси на кривичниот прогон и интересот на одбраната на обвинетиот во постапката, односно за потребата тие два интереса да се издигнат на ниво на изедначеност – вели професорот Мартиновиќ.

-Во тој контекст, во последните 10 години, во хрватското и во компаративното право забележлива е тенденцијата за јакнење на правата на одбраната на обвинетиот наспроти интересот на кривичниот прогон. На европскиот континент таа активност особено се зајакнува со пресудите на ЕСЧП, кој со екстензивно применување на Конвенцијата инаугурира и заштитува опсежен фундус на права на обвинетиот, меѓу кои, доминантно место зазема правото на правична постапка – вели професор Мартиновиќ.

Двајцата соговорници се залагаат за примена на среден пат кој истовремено ќе се грижи за заштита на човековите права, но не по цена на неутврдување на вистината и на погрешна примена на законите.

 

Издвоените мислење на судиите во Хрватска се јавни

8

Фото: Судијата Марјан Мрчела има издвоени мислења кога е во прашање употребата на незаконски прибавените докази и тие се јавно објавени

Тоа што е карактеристично за Врховниот суд во Хрватска е можноста судијата да издвои мислење доколку не се согласува со мнозинството, истото да го образложи и тоа станува јавно, составен дел на решението/пресудата на судот.

Ваква можност во Македонија е предвидена само во работата на Уставниот суд, каде што издвоеното мислење е јавно и се објавува и во службен весник.

Во Хрватска, со тоа што се објавува издвоеното мислење, всушност на увид на јавноста се става и податокот кој судија како гласал, што во Македонија не е случај и се смета за тајно.

 

Уставна тужба – инструмент што го нема во Македонија

Во Хрватска граѓаните можат да поднесат и Уставна тужба до Уставниот суд, правно средство кое не е познато во Република Македонија. Во тужбата граѓаните можат да се повикаат на повреди во судската постапка, вклучувајќи го и прашањето за користење на незаконски докази.

Во два случаи, кои беа предмет на наша анализа, Уставниот суд ги одбил тужбите на Слободан Ѓуровиќ и Ранко Ковачевиќ, но во решенијата се осврнува и на доказите за кои тужителите тврдат дека се незаконски. Тие го оспоруваат начинот на стекнување статус на заштитен сведок или прибавување на докази.

9

Фото: Судиите на Уставниот суд на Хрватска

 

Во таа прилика, Уставниот суд на Хрватска констатира:

Уставниот суд истакнува дека незаконитоста на доказите е процесно, а не материјално прашање. Односно, незаконитоста на доказот не се докажува со проверка на вистинитоста (веродостојноста) на неговата содржина, туку со проверка на начинот на кој се прибавени доказите – велат уставните судии.

Судијата Кос и професорот Мартиновиќ сметаат дека за целосна хармонизација на хрватското законодавство, неопходно е повторно да се измени Законот за кривична постапка и да им се даде можност на судиите да одлучуваат за јавниот интерес и за други дела, не само за оние кои се погоре споменати, а се во надлежност на Жупаниските судови.

Со проширување на опсегот на кривични дела, како што велат, ќе се зголеми и правната сигурност, а ќе се намали перцепцијата дека со законските ограничувања се поттикнува неказнивоста. Секако, овој баланс мора да биде во рамки на насоките за фер постапка, право на одбрана и заштита на правото на приватност.

 

Член 12 од ЗКП во Македонија е ригиден

Никола Тупанчески, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и докторантката Драгана Кипријановска, анализирајќи ја употребната вредност на незаконски прибавените докази, со осврт на решенијата на Стразбур и компаративното право, заклучуваат дека земјава има добри правни стандарди, но со измена на Член 12 од ЗКП, може лесно да бидеме како Германија или Хрватска по регулирање на ова прашање.

-Доведувајќи ги законските решенија во македонскиот систем во корелација со стојалиштата врз кои се потпира конвенциското и компаративно право, може да се каже дека нормативно, со строгото опстојување на правилата за отфрлање на незаконитите докази, домашното право е зад стандардите на Европската конвенција и решенијата вградени во правните системи на одделни држави. Земајќи ги предвид компаративните искуства, како и имплицитните насоки на Европскиот суд, ригидниот став на македонскиот законодавец може да се протолкува како отстапување од општите детерминанти за валоризациија на незаконско прибавените докази – сметаат Тупанчевски и Кипријановска.

Затоа, според нив, за да се приближиме кон регулативата на Германија или Хрватска, треба да се измени еден член од ЗКП.

10

-Во согласност со меѓународните стандарди, добро би било одредбата од член 12 од ЗКП да се релативизира, така што да се остави можност во зависност од општествениот (јавниот) интерес, под одредени услови да се земат предвид и некои од доказите кои се однесуваат за тешки облици на казнени дела за кои се води редовна постапка, кога повредата на правата со оглед на нивниот интензитет и природа била битно помала од тежината на казненото дело.

Се разбира, не смее да се заборави на Член 3 од Европската конвенција. Со ваквата интервенција, Македонија по ништо не би се разликувала на овој план од Германија или Хрватска – велат Тупанчевски и Кипријановска.

Министерство за правда работи на измени на серија закони, како дел од Планот 3-6-9 на Владата на РМ, но засега нема информација дали при измени на Законот за кривична постапка (кој се носи со гласовите на две третини од пратениците во Собранието), ќе се ревидира и членот 12 кој го регулира ова прашање.

 

Различни системски решенија – праксата мора да биде урамнотежена

Хрватска, заедно со уште десетина други земји во Европа, забраната за користење на незаконски прибавени докази ја поставуваат на ранг на уставно начело, а некои од тие земји таквата забрана ја регулирале со закон. Но во Австрија, Франција, Данска, Германија, Финска, Велика Британија и Шведска забраната за користење на незаконски прибавените докази, со повреда на некое човеково право, не е уставна или законска категорија за отфрлање без разгледување, туку им е оставено на судовите да ценат дали и како ќе ги употребат тие докази во секој случај посебно.

Токму поради различните законски решенија и Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) нема изградено цврст, единствен став за користење на незаконски прибавените докази.

Во многу пресуди, вклучувајќи го и случајот „Шечиќ против Хрватска“, Европскиот суд наведува дека државите имаат обврска да го уредат системот на незаконски прибавените докази и да најдат рамнотежа помеѓу заштитата на личните слободи, правата на поединецот и казнување на криминалот, преку оценка на јавниот интерес за водење на кривичната постапка.

Саше Димовски

Овoј новинарски текст е изготвен со помош на грант доделен преку проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи”, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации во партнерство со Балканската истражувачка репортерска мрежа и НВО Инфоцентар со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.