birn18

Со поддршка на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“ две новинарки од Македонија  учествуваа на годинешната Летна школа за истражувачко новинарство на БИРН што се одржа од 19-ти до 25-ти август во Пинае Брашов Романија.

На престижната Летна школа на БИРН новинарките Искра Опетческа и Катерина Топалова имаа можност  да научат техники за истражување на податоци, водење на интервјуа, за пишување и видео презентација на сториите.

Тие заедно со колегите од Европа ги споделија своите искуства и беа дел од тимовите кои работеа на откривање на нови начини на известување користејќи ја новата технологија, а со тоа и новите новинарски алатки. Се работеше на теми од областа на загадувањето, доброто владеење и борба против корупцијата како и теми од областа на човековите права и слободата на изразување.

Во рамките на обуката беа одржани и  практични вежби за известување врз основа на финансиски извештаи или познатото новинарско правило „следи ги парите“.

На еднонеделната практична настава учесниците имаа можност да работат и со едно од водечките имиња во новинарството, уредникот за истражувачко новинарство во САД, Блејк Морисон од Ројтерс, трикратен финалист за Пулицеровата награда, кој несебично ги сподели своите искуства од неговата богата историја на правење на истражувачки стории, но и уметноста на правење на добро новинарско интервју.

Освен тоа во фокусот на школата годинава беа ставени и темите како што се известување врз основа на анализа на така наречените отворени податоци и проверка на фактите со користење на мета дата податоци, но и вештината на подготовка на стории користејќи го звукот како алатка, а во контекст на употребата на подкастите – нов начин на практицирање на новинарството кој зема се’ поголем замав во светот.

Панама документите, рајските документи, уривањето на малезискиот авион во Украина во 2016 година и обидот за пуч во Турција истата година беа само мал дел од темите кои што учесниците на летната школа на БИРН ги користеа како модел за усвојување на нови знаења.

Меѓу предавачите беа и угледниот новинар на Њујорк тајмс, Кристоф Коетл; ко-креатор на една од најдобрите серии на подкасти во САД и добитник на наградата Еми и три награди Пибоди Сузан Ребер; Добитник на наградата “Најт” за меѓународна новинарство и уредник на меѓународната новинарска мрежа за истражување на организиран криминал и корупција OCCRP Миранда Патручиќ, како и  уредникот за истражувачки стории на БИРН, Лоренс Марзук.

Особен впечаток врз новинарите остави средбата со Метју Каруана Галиција и Павла Холцова кои го зборуваа на темата „Зошто новинарите низ Европа денес се лесна мета за отстрел“.

Каруана Галиција зборуваше за тоа што се случувало пред, за време и после убиството на нејзината мајка, малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција и ги повика сите новинари да се придружат на проектот „Дафне“ кој работи на истражување за тоа кој/кои стои зад убиството на новинарката.

Павла Холцова, чешка новинарка пак, го сподели своето искуство, како истражувајќи меѓуграничен криминал животот и станал пекол и како, за жал, за разлика од неа, нејзиниот словачки колега Јан Куцијак не успеа да ги види плодовите на своето истражување. Куцијак и неговата партнерка  беа убиени пред нивниот дом во Братислава на крајот на февруари 2018 година.

Деветтата БИРН летна школа ги обедини новинарите од Македонија, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција, Романија, Велика Британија, Франција и САД.

За прв пат на школата учествуваа и новинари од Молдавија, Украина и Филипините.