DV1457718

Специјални парламентарни тела во Велика Британија, како што е Комитетот за јавни сметки или Комитетот за трезор, преку јавни распити истражуваат како властите ги трошат парите на даночните обврзници, дали е постигната најдобрата вредност за потрошените пари и колку политиките што се финансираат ги испорачуваат очекуваните резултати. Посебни службеници за сметки во секое министерство се должни да достават докази до Парламентот за потрошените пари. Капитал од Лондон ги претставува искуствата во контрола на јавните трошења на земјата која што е рангирана на високото 10. место на Индексот за перцепција на корупцијата на Transparency International.

Велика Британија важи за земја што нема значителен проблем со корупција во јавниот сектор и тоа го покажува и последниот Индекс за перцепција на корупцијата на Transparency International каде што земјата е рангирана на високото 10 место. За споредба, Македонија на овој Индекс е рангирана 80 места подолу.

Британските политичари што ги трошат парите на даночните обврзници ќе ви речат „таква е културата на граѓаните“, но аналитичарите велат дека постојат моќни механизми за контролирање на трошењето на народните пари што ги држат властите „на око“.

Македонските политичари, пак, коишто раководеа со државата во последните десет години, се соочуваат со сериозни обвиненија за злоупотреба на народни пари.

Да се огледаме на земја како Велика Британија и да го пресликаме искуството во надзорот на јавните трошења, може да ги спречи сегашните и идните власти да се однесуваат по старо.

„Контрола и надзорот на јавното трошење се клучни за отчетна влада. Им помага на граѓаните да дознаат како се трошат нивните пари и да имаат доверба дека Владата троши за јавниот интерес. Но, многу придонесува и за квалитетно носење на одлуки. Ова се пред се прашања на отчетност и транспарентност, за кои во Британија, Парламентот има клучна улога“, оценува за Капитал британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет.

„Ефективниот надзор на јавните финансии е суштински за намалувањето на ризикот дека парите од даночните обврзници ќе бидат злоупотребени или украдени од службениците. Контролата би требало да ја прават луѓе независни од владата, доволно храбри да постават тешки прашања и да водат сметка да се обезбеди јавниот интерес во јавните набавки“, оценува Стив Гудрич, директор за истражување во Transparency International UK.

Она што е специфично за Велика Британија е моделот на индивидуална одговорност за секоја потрошена фунта од вкупно 790 милијарди фунти колку што тежи буџетот годинава, што е околу 39% од бруто домашниот производ (БДП). Македонија, пак, троши помалку пари во споредба со Велика Британија. Годинава е планирано да се потрошат вкупно 3,3 милијарди евра, што е околу 31% од БДП.

Секое министерство има посебен службеник за сметки кој што е одговорен за примената на политиките на министерствата и какви ефекти испорачуваат, и е човекот кој што Парламентот го повикува на распит за начинот на трошењето на парите.

Тоа е вообичаено најстариот и највисокиот службеник во министерството, а овој модел има за цел одговорноста да се лоцира кај одреден човек.

„Не може да кажете не бев јас. Секој мора да биде лично одговорен за трошењето на парите што ги земаме од даночните обврзници. Кога постои лична одговорност, јавните службеници мора да се погрижат да водат добри политики и да трошат разумно, притоа обидувајќи се да ја обезбедат најдобрата вредност за потрошените пари“, објаснуваат од Министерството за финансии и економија на Велика Британија, односно Трезорот, како што го викаат Британците.

Овие службеници, задолжени за сметките на министерствата, директно и лично одговараат пред Парламентот, а не преку министрите.

А во Парламентот, постојат посебни комитети за секој сектор, кои што вршат контрола и надзор на трошењето и политиките што ги спроведува секое министерство.

Меѓутоа, специјални парламентарни тела како што е Комитетот за јавни сметки вршат истраги на целото владино трошење, излегувајќи од границите на еден сектор или едно министерство.

За споредба, кај нас единствено парламентарно тело што се занимава со трошењето народни пари е Комисијата за финансирање и буџет и притоа ги разгледува предлог буџетите, завршните сметки, и одобрува предлог закони од оваа сфера, без да навлегува во истраги за начинот на трошењето.

Парламентарното контролирање на јавното трошење е механизам од витално значење во Велика Британија, што бара одговорност од владата и нејзините институции  за парите на даночните обврзници. Парламентарниот надзор на трошењето народни пари треба да биде одлика на секој модерен демократски систем, пишува во еден од последните извештаи на Комитетот за буџетска контрола при Европскиот Парламент.

„За Обединетото Кралство, отчетноста на владата преку Парламентот е еден од основите на демократијата. Но, британскиот модел не е единствениот. Зависи од Македонија како ќе одлучи, кој модел ќе го избере за да има целосно отчетна и транспарентна влада. Британија, каде што може, е подготвена да ја поддржи Македонија да ја исполни оваа цел“, истакна амбасадорот Гарет.

20k

Сослушувања на сведоци во Парламентот 

Комитетот за јавни сметки во британскиот Долен Дом е централно парламентарно тело чија главна улога е да проверува колку ефективно се трошеле парите од даноците и дали е постигната најдобрата вредност за потрошените пари. Овој Комитет често пати анализира извештаи на Националниот завод за ревизија за добиената вредност за потрошените пари, меѓутоа, води и самостојни истраги. Ова е непартиски комитет со цел да се обезбеди независна контрола.

„Има одреден напредок во начинот на кој владата планира и управува со одделните сектори, меѓутоа, сè уште не постои соодветен пристап за постигнување на владините цели и обезбедување соодветна вредност за потрошените пари“, пишува во воведниот дел од последниот Извештај на Комитетот за јавни сметки за владините трошења објавен од Парламентот во Велика Британија.

Она што е специфично е што во текот на истрагите што ги води за владините трошења, Комитетот за јавни сметки ги повикува јавните службеници задолжени за сметки и други високи функционери на јавни сослушувања да изнесат докази за потрошените пари.

За да ја прошири истрагата, Комитетот, исто така, може да повика и други засегнати страни кои вршат јавни услуги, како и големи бизниси кои имаат значителна корист од работењето во Обединетото Кралство.

Главниот ревизор од Националниот завод за ревизија исто така присуствува на сите сослушувања и може да биде испрашуван, но и да им поставува прашања на сведоците.

Овие сослушувања, особено за одредени истраги, привлекуваат големо внимание во јавноста и значителен медиумски интерес, па така често пати се директно пренесувани на телевизија, или скоро секогаш се емитуваат во живо на интернет. Само за прашања од национална безбедност или ако станува збор за деловни тајни, се одлучува јавноста да биде исклучена од сослушувањата.

На овие сослушувања како постојан владин претставник присуствува службеникот за сметки од Трезорот. Со него се сретнавме токму во оваа институција, во Лондон, во време кога се подготвуваше за нови сослушувања во новоформираните парламентарни комитети откако завршија изборите и Тереза Меј успеа да формира малцинска влада.

Ричард Браун, вели дека тој и други функционери од Трезорот постојано се на располагање на Парламентот и на специфичните комитети, да одговорат на сите прашања поврзани со одредени политики и начинот на трошење на парите.

„Парламентот има моќ постојано да поставува прашања, да бара податоци и ние сме должни на тоа да одговориме. Имаме високо ниво на контрола, и тоа е многу важно за да се осигури дека парите што ги добиваме од даночните обврзници, се потрошени за јавно добро за сите граѓани, а не за приватни цели“, вели Ричард Браун, службеник за сметките во Трезорот.

NAO

Тој појаснува дека има два аспекти на проверката, од една страна се оценуваат политиките и какви резултати даваат споредено со парите што се трошат за нивно имплементирање, и од друга страна, строга проверка на начинот на трошење на парите за да се спречи корупција или злоупотреба за лични цели.

Браун вели дека своевиден притисок за разумно трошење на парите на даночните обврзници прави и тоа што властите речиси сите податоци ги објавуваат јавно, па така одговорноста кај јавните службеници уште повеќе се зголемува.

Со Комитетот за јавни сметки, и во следниот мандат ќе управува Мег Хилер, од Лабуристичката партија. Таа е повторно избрана месецов откако завршија предвремените парламентарни избори, а со овој Комитет управуваше и претходните две години. Правило е претседавач на овој Комитет да биде претставник на најголемата опозициска партија, што е пракса и во Македонија кога се избира претседател на Комисијата за финансирање и буџет.

„Работата на Комитетот за јавни сметки никогаш не е завршена. Секоја заштедена фунта е важна и политичарите мора да продолжат да ја докажуваат нашата доверба. Наша работа е да копаме подлабоко во направените трошоци и да ја гледаме имплементацијата“, изјави Хилер откако беше назначена по втор пат за претседавач на Комитетот и додаде дека во изминатиот период докажала дека Комитетот може да дојде до вистината без сензационализам.

„Очекувам веднаш да почнеме да работиме онаму каде што застанавме пред изборите, за да продолжиме со внимателно разгледување на трошењето на владата“, истакна таа.

Вообичаено, во период од 4 до 5 недели, Комитетот заедно со Националниот завод за ревизија, објавува извештај со сите прибрани докази.

Во изминатите две години Комитетот објави 106 извештаи за испитување на економичноста, ефикасноста и ефективноста на начинот на кој Владата ги троши парите на даночните обврзници.

Овој Комитет е основан уште во 1861 година за време на тогашниот премиер на Велика Британија, Вилијам Гледстоун, како една од мерките да му се даде на Парламентот поголема контрола на трошењето народни пари.

Борба да се биде претседавач

Освен Комитетот за јавни сметки, уште еден комитет во парламентот се смета за клучен во оценувањето на економските политики и резултатите што ги испорачуваат за сметка на потрошените пари. Тоа е Комитетот за трезор.

Веднаш по последните избори во јуни годинава, во јавноста наголемо се дебатираше за тоа кој ќе биде нов претседавач на овој влијателен комитет. Па така, на оваа позиција сега дојде Ники Морган, која претходно беше министер за образование.

Прецизните задачи на новиот состав на овој комитет се уште не се познати, се додека не се комплетира новото членство што се очекува да заврши до септември годинава, но Морган во своето прво интервју за Financial Times посочи дека „планира да го прошири надзорот за клучни прашања како што е финансирањето на вештините, здравствената заштита на децата, трошењето за инфраструктура и цените на енергијата“.

„Ќе барам детали за сите трошења, ќе поставувам форензични прашања и се надевам дека ќе ја надминеме работата на претходниот состав на Комитетот“, истакна Морган.

Таа додаде дека Комитетот за трезор ќе спроведе повеќе истраги и за последиците од кредитната криза.

„Сигурна сум дека се уште не е крај. Облици на тие проблеми претендираат да се претворат во нови предизвици. Една мудра личност неодамна кажа дека семето на следната финансиска криза е посеано во последната што се случи, а сите знаеме дека овие работи се случуваат во циклуси“, истакна Морган која што важи за противник на Brexit подгревајќи ги сомнежите дека Велика Британија може да се соочи со големи економски проблеми особено откако ќе ја напушти Европската Унија.

Тимоти Стафорд, шеф на одделот за истражување во британскиот тинк тенк Henry Jackson Society, објаснува дека Комитетот за трезор игра важна улога во надзор на севкупната економска стратегија на Владата. Неговите членови имаат пристап до министрите и можат да поставуваат прашања на седници за да приберат докази. Комитетот, исто така, објавува влијателни извештаи кои се сметаат за независни, бидејќи неговите членови не се министри од Владата.

„Парламентарните комитети на Долниот дом се многу важни и нивната улога отсекогаш била од големо значење, но особено сега откако Велика Британија почна да го намалува јавното трошење во одредени области, како дел од мерките за штедење“, коментира Стафорд.

„Комитетот може да оценува и поединечни предлози за трошење и да испита дали се постигнува `вредноста за парите`. Ова го прави трошењето на владата поефективно. Всушност, Владата мора да направи многу детален план за политиките, за да избегне критики од јавноста. Корупцијата е прашање и тука, но во повеќето случаи, дебатата е главно фокусирана на неразумно трошење на пари на проекти кои нема да донесат економски ефекти, а не за злоупотреби“, коментира Стафорд.

Според него, Комитетот за трезор е високо профилиран комитет и позицијата претседавач е многу посакувана.

„Новиот претседавач Ники Морган ќе има голема улога во наредните години што ќе го води надзорот врз Трезорот односно Министерството за финансии и ќе ја оценува владината економска политика генерално. Како критичар на Brexit, таа исто така ќе игра важна улога во оценувањето на економското влијание во Велика Британија од напуштањето на Европската унија“, истакна Стафорд.

Едно најново истражување во Велика Британија покажува дека половина од сите забелешки на парламентарните комитети за трошењето на парите на даночните обврзници се прифатени од властите.

„Кучиња – чувари“ наместо пудлици

Парламентот во Велика Британија му делегира моќ и на Националниот завод за ревизија да ги истражува сите сметки за трошењето на владата, сите министерства и другите јавни институции вклучувајќи ја и Банката на Англија и јавниот сервис, Би Би Си. Државниот ревизор тесно соработува со Комитетот за јавни сметки од Парламентот и често отвора истраги за „вредноста за потрошените пари“ на барање на некој од членовите на овој Комитет. Парламентот во Британија му овозможува на Заводот за ревизија целосен пристап до сметки, податоци и какви било информации од јавниот сектор.

Главниот државен ревизор е службеник од Долниот Дом и работи независно од владата и Парламентот. На редовна основа доставува извештаи до Парламентот за трошењата на властите преку министерствата или на локално ниво.

Ова тело постои од 1983 година, а вработените не се сметаат за јавни службеници. Се финансира директно од Парламентот, а не од Владата, со буџет кој што го одобрува Комитетот за јавни сметки.

Годишно, Заводот доставува до 70 извештаи базирани на докази за „вредноста на потрошените пари“, која што ја дефинира како „оптимално искористување на ресурси за да се постигнат очекуваните резултати“. Ревизорите имаат форензичен пристап на ревизија, кој што е нов специјализиран пристап за откривање на измами. Интересно е што Државниот завод за ревизија веднаш може да отвори истрага по допрен глас од свиркачи, на барање на членови на Парламентот, за актуелни политики од голем јавен интерес или пак, по добиени информации од разузнавање за ефектите од одредени проекти за кои што се потрошени народни пари.

Извештаите на Државниот завод за ревизија се објавуваат транспарентно во јавноста, предизвикуваат големо медиумско внимание и прашања во врска со нивните наоди редовно завршуваат на адресата на премиерот, Downing Street, 10.

Само минатата година, Националниот завод за ревизија проверил вкупно 372 јавни сметки, направил 68 студии за „вредноста за потрошените пари“ и затворил 18 истраги.

Ревизорскиот резултат од работата лани вклучува ревидирање на сметки за потрошени вкупно 1.700 милијарди фунти со што е направена заштеда на вкупно 734 милиони фунти.

Како резултат на моќната парламентарна контрола на трошењто народни пари, но и силната улога на Заводот за ревизија во Велика Британија, повеќе политичари вмешани во финансиски злоупотреби во последните неколку години поднесоа оставки од функциите.

Во насока на поголема независна контрола на јавните финансии, по 2010 година кога ескалираше должничката криза во Европа, Велика Британија формираше и Завод за буџетска одговорност. Ова е целосно независно тело што има задача да прави објективни проценки и анализа на фискалната политика, приходите и расходите од буџетот, како и дефицитот.

„Заводот за буџетска одговорност стана важен дел од фискалниот пејзаж. Но сега мора да го искористи својот кредибилитет за да ја потврди својата независност од Трезорот, вклучувајќи и посилна критика против погрешните трезорски практики и потези на политичка погодност. Ако не успее во тоа, од `куче-чувар` ќе се претвори во пудлица на Трезорот“, истакна Џулијан МекКреј  од британскиот Институт за владеење.

Меѓутоа, ова тело не е супститут на парламентарниот финансиски надзор.

Но, и британскиот модел на надзор на јавните финансии е критикуван со низа забелешки за поголема независност и построга контрола.

Така, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во еден од своите извештаи оцени дека парламентарниот надзор на трошењето во Велика Британија бележи мал напредок, наспроти јакнењето на улогата на независната фискална институција, Заводот за буџетска одговорност. „Има одреден напредок во парламентарното истражување на трошењето на Владата, но сепак не може да се каже дека е направена револуција“.

Во Македонија, Парламентот засега има неспоредливо помала улога во контролата на трошењето на народните пари. Пратениците вообичаено расправаат за буџетот, завршната сметка, кога се прави ребаланс, но не навлегуваат детално во истраги за начинот на трошењето или пак добиената вредност за потрошените пари. Овие задачи му се препуштени на Државниот завод за ревизија, кој што ги проверува сметките на државните институции.

Резултатот од работата на вкупно 78 ревизори минатата година е 118 ревидирани институции, 76 извештаи за ревизија на регуларност, 6 извештаи за ревизија на успешност, вкупно 795 наоди во овие извештаи.

Но и покрај низата забелешки за недомаќинско трошење, само 7 ревисорски извештаи биле доставени до јавен обвинител, 4 до Државната комисија за спречување на корупција, но нема податок за покренати обвиненија.

Во насока на поголем надзор на јавните финансии, новата влада најави дека ќе формира специјално тело, Фискален совет.

Велика Британија го намалува трошењето народни пари

Последната деценија беше тежок период за Велика Британија во економска смисла. Пред финансиската криза од 2008 година, за британската влада беше својствено да троши многу, па така јавните расходи достигнуваа и до 50% од БДП. Од друга страна, и покрај експанзивната фискална политика, економскиот раст не забрза главно поради падот на довербата на потрошувачите и последиците предизвикани од финансиската криза.

Оттогаш, владите реагираа на различни начини. Лабуристичката Влада на Гордон Браун одлучи да продолжи да троши како и претходно, па дури и благо да ги зголеми јавните расходи. Конзервативно-либералната влада предводена од Дејвид Камерон помеѓу 2010 и 2016 година се обиде значително да го забави порастот на јавните трошоци, а оваа политика ја продолжи и владата предводена од Тереза Меј.

„Ова `штедење` наиде на контроверзни оценки во јавноста. Некои веруваат дека избегнувањето големи дефицити ќе ја стабилизира економијата. Сепак, други веруваат дека тоа ќе ги ослаби јавните услуги и ќе го намали економскиот раст“, коментира Стафорд, шеф на одделот за истражување во Henry Jackson Society.

Александар Јанев, економски магазин Капитал

 

Овој новинарски текст е изготвен со помош на грант доделен преку проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи”, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации во партнерство со Балканската истражувачка репортерска мрежа и НВО Инфоцентар со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.