аце 1

Анализата на сите бројки од оваа база на податоци води до смел заклучок базиран на факти, а тоа е дека државата добива многу малку од експлоатацијата на националните природни богатства. На површина од 105 квадратни километри, или два и пол пати поголема од Дојранското езеро, сите 12 концесионери експоатирале метална руда во вредност од 180,8 милиони евра. Од нив, само 4,95 милиони евра или 2,74% уплатиле во државната каса како надоместок за концесијата, додека пак, дури 38% им останале како профит, односно 68,9 милиони евра. За компаниите богатство, за државата трошки.

Овие 12 концесионери, пак вработуваат вкупно 2.175 луѓе, што е далеку помалку од бројките со коишто рударските здруженија лицитираа во јавноста и достигнуваа и до 13.500 вработени. Додадената вредност што ја создаваат изнесува 108 милиони евра и тоа значи дека уделот на активните рудници за метални суровини во вкупниот бруто домашен производ (БДП) е само 1,3%. За споредба, додадената вредност на секторот земјоделство, шумарство и рибарство, според податоците од Државниот завод за статистика, изнесува 923,9 милиони евра, што е осум и пол пати повеќе отколку додадената вредност во секторот вадење на метална руда и учествува во БДП со 10,9%.

Додадената вредност што ја создаваат сите 12 концесионери за експлоатација на метални суровини во земјава изнесува 108 милиони евра, покажува анализата на податоците добиени од Централниот регистар за минатата година. Тоа значи дека уделот на активните рудници за метални суровини во вкупниот бруто домашен производ (БДП) е само 1,3%. До овој податок се доаѓа откако ќе се соберат бруто платите на вработените сосе персоналниот данок на доход и социјалните придонеси, потрошувачката на фиксен капитал односно амортизацијата и бруто добивката.

За споредба, додадената вредност на секторот земјоделство, шумарство и рибарство, според податоците од Државниот завод за статистика, изнесува 923,9 милиони евра, што е осум и пол пати повеќе отколку додадената вредност во секторот вадење на метална руда и учествува во БДП со 10,9%.

Во оваа база на податоци се опфатени сите 12 концесионери што имаат активни концесии за експлоатација на метални суровини, на вкупна површина од 104,5 квадратни километри што е на пример два и пол пати поголема од површината на Дојранското езеро. Овие податоци добиени преку барања за пристап до информации од јавен карактер, од неколку институции како Министерството за економија и Централниот регистар прв пат даваат јасна слика за економските придобивки на државата и граѓаните од вадењето на метални руди. Претходно во јавноста се изнесуваа секакви информации за ефектите од рударството во домашната економија, во зависност од тоа кој ги лиферуваше.

Податоците што ги добивме од Министерството за економија, покажуваат дека сите 12 концесионери, во 2017 година во Буџетот уплатиле вкупен надоместок за концесија од 4,95 милиони евра. Оваа сума ги опфаќа надоместоците по двете основи што концесионерите се должни да ги плаќаат на државата и тоа годишен надоместок за користење на просторот доделен со концесијата за експлоатација, а во зависност од видот на минералната суровина како инадоместок за експлоатирана количина на минерална суровина.

Притоа, споредено со претходните две години, може да се забележи зголемување на приходите во Буџетот од концесиите за метални суровини.

Меѓутоа, приходите во Буџетот главно доаѓаат од двата најголеми концесионери на метални суровини, и тоа од рудникот за олово во Македонска Каменица, САСА, од каде лани во државната каса се инкасирани 2,5 милиони евра и рудникот за бакар во Радовиш, Бучим, од каде што се слеале 1,6 милиони евра. Потоа следува концесионерот на рудниците Злетово и Тораница, компанијата Булмак 2016, која лани уплатила речиси 600 илјади евра надоместок за концесија, додека пак останатите концесионери засега уплатуваат незначителни суми, бидејќи поголем дел од нив се уште не почнале ниту да експлоатираат руда.

Од друга страна, пак, сите 12 концесионери минатата година свртеле 180,8 милиони евра, односно толку изнесуваат вкупните приходи што ги оствариле од работењето. Најголеми компании во овој сектор според остварените приходи исто така се САСА која што лани инкасирала вкупно 90 милиони евра, потоа Бучим со речиси 66 милиони евра и Булмак 2016 која од рудникот Злетово инкасирала вкупно 19,7 милиони евра.

Ако се види колку пари уплатиле концесионерите во државната каса лани во споредба со нивниот вкупен обрт, произлегува дека уделот е само 2,74%.

аце2

 

Големи профитни маржи

Билансот на успех на сите 12 концесионери за минатата година е позитивен, односно, покажува дека од експлоатацијата на националните рудни богатства, концесионерите заработиле 68,9 милиони евра. Добивките исто така се сконцентрирани кај трите најголеми концесионери и тоа САСА која искажа профит од 42,3 милиони евра, Бучим со добивка од речиси 23 милиони евра и Булмак 2016 која од рудникот Злетово оствари профит од 4,3 милиони евра.

Во споредба со остварените приходи, анализата покажува дека дури 38% од сите пари што ги свртеле концесионерите лани, им останале како добивка. Со тоа, некои од рударските компании се меѓу најпрофитабилните во земјава.

Базата на податоци прикажува и колкави биле трошоците за вработените што ги платиле лани концесионерите. Па така, податоците што ги добивме од Централниот регистар, покажуваат дека сите 12 концесионери во 2017 година имале бруто трошоци за вработените од 22,4 милиони евра. Овие 12 концесионери, пак, вработуваат вкупно 2.175 луѓе, па така произлегува дека просечниот бруто трошок по вработен месечно, изнесува околу 859 евра.

Бројот на вработени до кој што дојдовме е далеку помал од бројките со коишто лицитираа во јавноста рударските здруженија и надминуваа и 13 илјади луѓе, па помал дури и од последниот податок на Државниот завод за статистика, кој беше 2.443 работници.

аце3

 

За компаниите богатство, за државата трошки

Сите бројки од оваа база на податоци водат до смел заклучок кој што е базиран на факти, а тоа е дека државата добива многу малку од експлоатацијата на националните природни богатства.

За користење на минералните суровини компаниите плаќаат концесиски надоместоци по две основи. Првата е годишен надоместок за издадени концесии поврзан со површината за експлоатација, а втората основа е дефинирана со Тарифникот за утврдување на висина на надоместоци и според него компаниите плаќаат за количините на експлоатираните суровини кои се поделени во пет категории (енергетски минерални суровини, метални минерални суровини, техногени минерални суровини, неметални минерални суровини и вода) и за нив се плаќа по тон, процентуално од пазарната вредност или во апсолутен износ.

Согласно Законот за концесии, надоместок изнесува 2% од вредноста на металот, а овој износ потоа се распределува на два дела при што едниот дел од надоместокот се насочува во општинската каса каде што одат 78%, а 22% одат во државниот буџет.

Експертите што го консултиравме сметаат дека клучната измена на законот треба да се направи во делот на концесискиот надоместок.

аце4

„Вредноста на концесијата треба да биде поврзана со берзанската цена на суровината која се експлоатира, а не да биде фиксен надомест како што е сега. На таков начин, ќе се спречи концесионерите да бидат во позиција да остваруваат екстра профит, кога берзанските цени се поволни, а да плаќаат ниска сума за концесија. Овој модел е единствено оправдан“, објаснуваат експертите.

Имајќи го ова предвид, Министерството за економија пред два месеца предложи да се зголемат тарифите што треба да ги плаќаат концесионерите на рудниците за искористување на просторот и експлоатација на рудата.

Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, концесионерите за ваквиот предлог се информирани, но допрва ќе се утврдува колкаво ќе биде зголемувањето.

„Како министер сум за да ги зголемиме овие тарифи. Убеден сум дека надоместоците по оваа основа треба да се сменат и тие средства да се наменат за проекти за подобрување на животната средина, здравството и образованието”, рече Бектеши.

Тој рече дека веќе им е дадено задолжение на службите во Министерството да почнат со подготовка на измените на Тарифникот.

 

Концесионерите со розови очила

Во своја одбрана, откако рударството последните неколку години стана озлогласена индустрија поради најавеното отворање на нови рудници и стравот кај граѓаните од потенцијалното загадување на животната средина, концесионерите постојано ги истакнуваат економските придобивки од работењето на рудниците за економијата обидувајќи се на тој начин да ги придобијат дури и нивните најголеми противници.

Од рударските здруженија овој сектор го истакнуваа како еден од најважните во домашната економија, кој вработува над 13 илјади луѓе.

Пи ар службите на концесионерите се обидуваат токму со проценки од своите бизнис планови да ги релативизираат негативните коментари во јавноста и да креираат за себе имиџ на компании коишто ќе имаат големо значење за развојот на домашната економија.

„Со генерирање на просечен годишен приход од 180 милиони евра , проектот Иловица – Штука ќе придонесе во зголемување на БДП за дополнителни 3%. Очекуваме да има значително позитивно влијание врз македонскиот извоз. Просечната годишна вредност на извозот за време на 23 годишното работење ќе изнесува околу 180 милиони евра годишно што претставува зголемување од околу 4% на македонскиот извоз. За време на работењето, проектот се очекува да генерира приближно 24 милиони евра преку плаќање на даноци, концесиски надоместоци и придонеси на годишно ниво“, велат од компанијата Еуромакс Ресоурцес што има две концесии за експлоатација на руда на локалитетот Иловица – Штука во струмичко, а чија судбина засега е неизвесна откако оваа Влада декларативно се изјасни дека е против отворање на нови рудници што имаат потенцијален ризик да ја загрозат животната средина.

Од Еуромакс Ресоурцес велат дека иако процентот на концесискиот надоместок за минерални суровини изгледа многу мал, сепак „на годишно ниво се проценува дека надоместокот ќе изнесува околу четири милиони евра и претставува 6% од добивката на компанијата пред нејзино оданочување. Три милиони евра од таа вредност годишно ќе бидат внесени директно во буџетот на локалните општини“, додаваат од компанијата.

Слични проценки за потенцијални економски придобивки лиферуваа во јавноста и од компанијата Сардич МЦ која што имаше концесија за експлоатација на бакар на локалитетот Казандол во валандовско. Според нивните пресметки, компанијата требаше да уплатува по околу половина милион евра годишно концесиски надоместок во државната каса, но тоа не беше доволен аргумент Владата да ја стопира изградбата на овој рудник и да ја раскине концесијата во обид да го спаси овој претежно земјоделски регион од потенцијално загадување од тешката рударска индустрија.

Концесионерите пак, наспроти сите предупредувања на експертите за животна средина, па дури и дел од рударските стручњаци, велат дека рудниците нема да имаат негативно влијание врз земјоделството.

„Ние ја почитуваме важноста на земјоделството во регионот и би сакале во соработка со жителите и земјоделските друштва да помогнеме да се зајакне земјоделското производство и да се подобри нивниот капацитет. Рудникот ќе нема негативни влијанија врз земјоделството, како што е веќе опишано во нашата јавно достапна Студија за оцена на влијанието врз животната средина, а преку проектот и земјоделството ќе има корист од подобрената инфраструктура и системот за наводнување. Постојат многу примери во светот каде рударството и земјоделието коегзистираат, односно, во непосредна близина на земјоделско земјиште работи и рудник, како што е во Шпанија, САД, Канада, Турција и Австралија“, велат од Еуромакс Ресоурцес.

Од компанијата Централ Азија Металс, концесионер на рудникот САСА велат дека се свесни за големото влијание и значење што го има рудникот САСА за животот и развојот на локална заедница, но и за економијата на земјата во целина.

„Бројките и фактите покажуваат дека сега рудниот САСА е меѓу најголемите извозници со што значајно придонесува за девизниот прилив во земјата, а исто така е и меѓу најголемите даночни обврзници, по сите основи, вклучувајќи го и концесискиот надоместок. Благодарание на средствата што ги уплаќа во државната каса и во буџетот на општината Македонска Каменица, САСА директно придонесува за изградбата на локалната инфраструктура и нејзиното функционирање, од што директно зависи и квалитетот на животот на жителите во градот и околните населени места“, велат од Централ Азија Металс и додаваат дека од сето ова може да се заклучи дека придобивките од успешното работење на рудникот ги чувствува целата земја.

„За ова да се согледа вистински, доволно е да се потсетиме на перидот пред повеќе од една деценија, кога рудникот САСА поради големи долгови кон доверителите и државата, беше затворен. Тоа биле тешки времиња за вработените во рудникот, за целата локална заедница и за економијата, но и за државата која морала да преземе голем финансиски товар. Оттаму, значењето на инвестициите во рудникот САСА и неговиот понатамошен развој треба да се гледа и од ваква перспектива. Како сопственици и инвеститори во рудник САСА ќе направиме сѐ што е во наша моќ за да му обезбедиме натамошен развој на рудникот, што веруваме дека ќе придонесе за просперитетот на заедницата и на економијата на земјата“, велат од Централ Азија Металс.

Еден рудник затворен, законски измени за останатите

Оваа Влада декларативно е против отворањето на рудници за метали кои користат опасни материи во процесот на експлоатација, како сулфурна киселина и цијаниди, за што доказ е и затворањето на рудникот во изградба во валандовско, за злато, сребро и бакар, Казандол. Во законска процедура се и измени на Законот за минерални суровини со кои се предвидува забрана на овие опасни материи во рударството. Но, овие законски измени нема да важат ретроактивно, односно не се однесуваат на рудниците што веќе работат според потпишаните договори за концесии за експлоатација на минерални суровини.

Овие владини потези следуваа откако лани во текот на летните месеци, граѓаните од повеќе општини во југоисточна Македонија, се изјаснуваа на референдуми дали се за или против изградбата на неколку рудници во овој регион. Во сите општини, без оглед дали цензусот на референдумот беше достигнат, над 90% од граѓаните што излегоа на гласање, се изјаснија против изградбата на нови рудници.

Александар Јанев

 

Базата на податоци е изработена како дел од проектот Истражувачко новинарство за поттикнување реформи со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.