alb3

Балканската истражувачка репортерска мрежа и Центарот за граѓански комуникации во рамките на ЕУ проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“ организираа студиско патување во Тирана од 24 до 27 јануари, каде што десетина македонски новинари имаа можност да се сретнат со претставници на медиуми, невладини организации и институции.

Новинарите од ТВ 21, МРТВ, Фокус, Макфакс, МИА, ТВ Шења, Радио МОФ и СКУП за време на неколкудневната посета разменија искуства со колегите од Албанија и се запознаа со медиумската и политичката состојба во земјата. Колегите од БИРН Албанија  ја презентираа својата работа, особено изработка на комплексни бази на податоци, последна за имотот на судиите во Албанија, и говореа за предизвиците со кои што се соочуваат новинарите  во услови на медиуми контролирани од политичката елита и олигарсите во земјата.

DSC_0286

Албанскиот медиумски совет е релативно ново тело, основано пред две години кое што се залага за само/регулација на медиумите. Претставниците на Советот објаснија дека медиумската сцена е поделена по политички основи, дека недостасува новинарска солидарност, нема независни тела, ниту пак организирани новинарски здруженија и објаснија дека нивниот проект предвидува платформа преку која граѓаните ќе имаат можност да реагираат на проблематични медиумски извештаи. Македонските новинари се сретнаа и со новинарите Александра Богдани и Спартак Кока, но и со адвокатите од здружението Республика кои што про боно бранат новинари на суд, но и водат судски процеси против институциите кои што одбиваат да достават информации по барања за пристап до информации од јавен карактер.

DSC_0348

За иновативната примена на барањата на пристап, македонските новинари можеа да ги слушнат искуствата на претставниците од албанскиот Институт за науки, кои што изработуваат комплексни бази на податоци од јавно достапни документи и документи добиени по пристап. Освен тоа, новинарите имаа средби и со Фактоје, нов сервис за проверка на факти каде што новинарите ќе ја проверуваат веродостојноста на изјавите на политичарите по разни прашања од јавен интерес, како и со претставници на Комесаријатот за пристап до информации од јавен карактер и невладината Мјафт (Доста) која што ги мониторира транспарентноста на властите.