naslovna

Десет млади новинари од електронски и печатени медиуми учествуваа на тренингот „Основи на истражувачкото новинарство и новите медиуми“  кој се одржа од 26 до 28 јануари во Охрид. Ова е десетти тренинг спроведен во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“, финансиски поддржан од Европска Унија.

Тројца тренери од различни земји, Александар Ѓорѓевиќ од БИРН Србија, Алмир Шеќкановиќ од Ал Џезира Балкан и Александар Јанев од економскиот неделник Капитал, сертифицирани за обучувачи од Thomson Reuters Foundation, ги споделија своите искуства со помладите колеги, пренесувајќи  дел од своето знаење и преку интерактивни вежби да ги подобрат новинарските вештини на учесниците.

Новинарите учесници на тренингот можеа да научат како се прави план на едно истражување, како се избира тема за сторијата, тестирање на почетната теза, пребарување на релевантни документи и податоци за приказната.

2222223333

Дел од тренингот беше фокусиран и на дата новинарството, базирано на податоци, кое е прилично малку застапено во македонските медиуми. Новинарите учесници низ неколку практични примери увидоа како се прават бази на податоци, од фазата на идентификување на изворите, прибирање на податоците, нивна обработка, ставање во контекст, се до конечни наоди коишто би требало да бидат контурите на една новинарска сторија понатаму. Притоа, со примена на понапредни алатки за пребарувања, беа истражувани повеќе отворени извори на податоци во Македонија што може да претставуваат основа за идни истражувања.

Освен тоа, агендата на овој тренинг вклучи и правење на мултимедијални стории кои вклучуваат текст, графика, видео, новинарско истражување на финансиски извештаи и буџети, како и дебата за етичките стандарди во новинарството во денешни услови кога многу медиуми многу лесно ја преминуваат црвената линија во трката по повеќе кликови.