winter-maintenance

За ангажирање на механизација за чистење на улиците и патиштата од снег, како и за набавка на индустриска сол и ризла, во зимската сезона 2016-2017 година, државните институции ќе потрошат околу 322 милион денари односно над 5,2 милион евра.

Најмногу пари ќе чини  зимското одржување на регионалните и магистралните патишта за што ЈП Македонија пат ќе потроши 3 милиони евра. Останатите околу 2,2 милиони евра се за чистење на улиците на Градот Скопје и општините.

Приказот на сите 57 тендери за одржување на патиштата и улиците во зимската сезона 2016-2017 година покажува дека во трошоците за оваа намена доминантни се оние за користење на механизација и на работници од приватни фирми (3,7 милиони евра) наспроти трошоците за набавка на индустриска сол и ризла за истурање по патиштата и улиците (1,6 милиони евра). Ова се дополнителни трошоци, покрај оние за редовно буџетско финансирање на работењето на државните и локалните јавни претпријатија чија основна дејност е токму одржувањето на патишта и  улици.

На локално ниво, гледано по општини и градови, Скопје е неприкосновено на врвот и за чистењето на неговите улици Градот и општините имаат склучено 10 договори со приватни фирми во вкупна вредност од 52 милиони денари односно 848 илјади евра. Куманово е следно со договор во вредност од 245 илјади евра. По него се Прилеп со околу 202 илјади евра и Тетово со 130 илјади евра.

По региони, пак, повторно доминира скопскиот регион каде што ќе се потрошат 41% од сите пари за зимско одржување на патиштата. Следува пелагонискиот регион со учество од 17%. Најмалку пари за оваа намена ќе се потрошат во вардарскиот (2%) и во југоисточниот регион (само 0,1%).

Приказ на трошоците за зимско одржување на улиците

prikaz-marko-copy

 

Методолошки пристап

Основа за пресметка на трошоците на институциите за зимско одржување на патишта и улици се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2015 и 2016 година за зимско одржување кое ја опфаќа зимската сезона 2016-2017 година. Предмет на анализа беа 57 постапки за јавна набавка. Притоа за 31 тендери податоците се добиени од известувањата за склучените договори или од евиденцијата на постапките со барање за прибирање на понуди. Додека за 26 тендери податоците се добиени од огласите за јавни набавки и за нив се користи проценета вредност на трошоците за зимско одржување.

Приказ на трошоците за зимско одржување за 2016-2017

Ова истражување е изготвено од Центарот за граѓански комуникации во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“ финансиран од Европската Унија. Содржината на истражувањето е единствена одговорност на Центарот за граѓански комуникации и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.